ФОРУМ: ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ ОД ХАШКАТА КОНВЕНЦИЈА ОД 1954 ГОДИНА

На 29.11.2013 година Здружението за заштита на културното наследство во опасност МНК Син штит во ЛУ Музеј на град Скопје го реализираше форумот „Имплементација на Вториот протокол од Хашката конвенција од 1954 година“. Како воведничари на Форумот беа:

  • Јован Ристов (Национален конзерваторски центар-Скопје) со темата „Вториот протокол од 1999 година, неговото значење и степенот на нормативна и фактичка примена во Република Македонија“;
  • Лазар Шуманов (ИКОМОС), со темата „Вториот протокол на Хашката конвенција и Охридската декларација 2002: визија – препораки – имплементација“;
  • Ѓурѓица Лековска (Национален конзерваторски центар-Скопје) со темата „Примена и досегашни искуства на Вториот хашки протокол во случај на воен конфликт и природни непогоди“ и
  • Крсте Богоески (Институт за етнологија и антропологија при УКИМ Скопје) со темата „Невладините организации и имплементацијата на Вториот протокол од Хашката конвенција“.

Првиот воведничар се насочи кон клучните прашања на Протоколот, односно оние кои се од значење за неговото правилно разбирање (цел, предмет, позиција, правно дејство); за значењето на Протоколот како меѓународен инструмент за заштита на културните добра во случај на вооружен судир; за обврските преземени со неговата ратификација од страна на Република Македонија; како и за состојбата и актуелните прашања во поглед на примената на Протоколот. Вториот воведничар се осврна на Вториот протокол и Охридската декларација преку примери со недвижното културно наследство во Македонија за време на воениот конфликт од 2001 година. Третиот воведничар ги  нагласи примената и досегашните искуства на Вториот хашки протокол во случај на воен конфликт и природни непогоди и тоа преку примери од пожарот што се случи во Бигорскиот манастир при што беа оштетени значителни културни добра од движен и од недвижен карактер. Четвртиот воведничар, пак, се осврна на невладините организации од Македонија (МНК Син штит, ИКОМ и ИКОМОС) и досегашната имплементација на Вториот протокол од Хашката конвенција.